Во Охридската болница од денес со работа почнаа седум приватни специјализанти. Анестезиолог, радиолог, инфектолог, педијатар, хирург и двајца гинеколози.
Тие ќе го пополнуваат недостигот на кадар во клучните одделенија, особено во текот на летната туристичка сезона кога има повеќекратно зголемен обем на работа.
– Изразувам огромна благодарност пред се на Владата на Р. Македонија за овој проект. Ова е првата половина од вработувањето на 300 приватни специјализанти во јавните институции и ја користам оваа прилика да апелирам и да ги мотивирам и останатите колеги кои што се од овој регион, да се пријават кога ќе бидат вработувањата и на следните 300 специјализанти. Да се приклучат на нашиот тим и да придонесат за зачувување на здравјето на нашите граѓани, вели д-р Горан Маркоски, директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.
Вработувањето на лекарите е од големо значење за болницата.
-Значењето е големо со оглед на тоа што напоменав за фактот дека само во овие месеци заминаа десет специјалисти колеги во пензија или приватни установи. Така да дефицитот колку толку ќе се пополни, но нема да се задоволи во никој случај. Меѓутоа имаме доста специјализанти кои се пуштени на специјализација од самата установа, вели д-р Маркоски.
Младите лекари, велат својата кариера сакаат да ја градат во родниот град.
– Желба ми беше уште од малечка да се вратам и да работам тука во Охрид, во нашиот град. Се надевам на поголеми успеси тука. Има дел колеги кои размислуваат за надвор од државата, меѓутоа повеќето би сакале да останат тука. И ме радува тоа што повеќето колеги сакаат да се вратат во градовите од каде што доаѓаат, вели Теодора Настоска, специјализант по гинекологија.
– Веќе почнуваат идеи за градење регионални центри Охрид е еден од тие градови каде ќе има ваков центар, со тоа се надевам ќе придонесеме тоа да биде што поуспешно, вели д-р Јован Поп Стефанија специјализант по педијатрија.
Во Охридската болница, недостигаат уште триесеттина лекари специјалисти, комплетно кадровско екипирање на установата се очекува за неколку години, бидејки има испратено 35 свои специјализанти, изјави д-р Горан Маркоски.