Се враќа оперативниот програм на одделението Уво, нос и грло при ЈЗУ Општа болница Охрид

  Општата Болница Охрид станува Регионален центар во Југозападниот регион за изведување на оперативни зафати од оваа специјалност. Пациентите од Охрид и од целиот Југозападен регион, кои со години беа принудени да патуваат во други градови и кои се соочуваа со долги листи на чекање за ваков тип на операции, отсега ќе можат за истите да се услужуваат на Одделението за уво, нос и грло во Охрид.

  После осумнаесет години, беа изведени два оперативни зафати од страна на медицински тим на одделението за Уво, нос и грло во Охрид со колегите од Клиниката во Скопје. Вакви интервенции, според најавите, се планирани да се изведуваат еднаш неделно.

  "Точно пред 18 години беше направена последната операција на тонзили, која претставува еден од основните оперативни зафати од оваа дисциплина. Особено сум горд што после толку години во нашиот град повторно започнува оперативната програма на одделението за уво, нос и грло. Тоа значи големо олеснување за граѓаните, особено за најмладата популација која на почетокот ќе бидат најчести пациенти за овие зафати. Интервенциите се изведуваат во општа анестезија и бараат внимателна подготовка на пациентите. Исто така сакам да изразам честитки до целиот тим од одделението за Оториноларинхологија, тимот од одделението за Анестезиологија и реанимација и благодарност до тимот од Клиниката за Оториноларингологија од Скопје предводената од Директорот Д-р Игор Камшикоски за нивната несебична подршка “, вели д-р Горан Маркоски, в.д. Директор на ЈЗУ Општа болница Охрид.