Хируршко одделение при ЈЗУ Општа болница Охрид – знаење, искуство и современ хируршки третман

  Хируршкото одделение при ЈЗУ Општа болница Охрид обезбедува дијагностика, хируршки третман и постоперативна грижа за широк спектар заболувања од областа на општата, дигестивната, колоректалната, пластичната, лапароскопската и торакалната хирургија.

  Зад секоја интервенција стои стручен и искусен тим, современ пристап во лекувањето и континуирана грижа за пациентот – од првиот амбулантски преглед, преку оперативниот третман, до постоперативното закрепнување.

  Хирургијата во бројки – 2025 година

  Во текот на 2025 година на Хируршкото одделение:

    - 800 пациенти биле хоспитализирани;

    - 542 пациенти биле оперирани во операциона сала

    - Извршени се околу 6.700 амбулантски прегледи;

    - Реализирани се околу 400 интервенции во мала сала.

  Овие бројки се показател за значајниот обем на работа и улогата што Хируршкото одделение ја има во обезбедувањето хируршка здравствена заштита за населението од Охрид и регионот.

  Капацитет и стручен тим:

  - Одделението располага со 4 болнички соби и 2 апартмани, со вкупен капацитет од 14 болнички кревети, како и дневна болница со дополнителни 5 кревети.

  - За пациентите се грижи тим составен од 8 доктори специјалисти, додека уште 3 доктори се на специјализација.

  - Сестринскиот и помошниот персонал го сочинуваат 10 медицински сестри на одделението, 7 медицински сестри (инструментарки) во операционата сала, 5 болничари и 2 хигиеничарки.

  Широк спектар на хируршки услуги

  - Во рамките на општата хирургија се третираат сите видови хернии, кожни и поткожни тумори, повреди и рани на кожа и меки ткива, како и хронични рани, трофички и декубитални улкуси и дијабетично стапало.

  - Во областа на пластичната хирургија се изведуваат реконструктивни и естетски процедури, меѓу кои абдоминопластика, дермолипектомија и хируршки третман на кожни и поткожни промени.

  - Посебно место во работата на одделението има дигестивната и колоректалната хирургија. Се третираат итни состојби, воспалителни заболувања, гастроинтестинални крварења, како и бенигни и малигни тумори на дигестивниот тракт.

  - Повеќе од 25 години традиција во колоректалната хирургија

  - Хируршкото одделение е особено препознатливо по повеќе од 25-годишната традиција во колоректалната хирургија. Како една од првите специјализирани амбуланти од овој вид во земјата, обезбедува третман на колоректални тумори, анални фисури и фистули, хемороидална болест и перианални апсцеси.

  - Значаен сегмент е и минимално инвазивната – лапароскопска хирургија, при што рутински се изведуваат лапароскопски холецистектомии и апендектомии.

  - Во областа на торакалната хирургија се изведуваат радикални мастектомии, хируршки третман на трауми на градниот кош и поставување торакални дренажи при хемоторакс и пневмоторакс.

  Пациентот во центарот на нашата работа

  Зад бројките, операциите и медицинските процедури стојат луѓе. Затоа целта на нашиот тим не е само успешно изведена интервенција, туку безбеден пациент, квалитетна здравствена грижа и достоинствен однос во секоја фаза од лекувањето.

  ЈЗУ Општа болница Охрид – знаење, искуство и посветеност во служба на здравјето.