Завршена обука за подобрување во третманот на мозочен удар во Охрид

  Со цел унапредување во третманот на мозочен удар тим на доктори и сестри од ЈЗУ Општата болница Охрид и ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“, беа на обука во Каунас, Литванија.

  Обуката беше спроведена со цел да се имплементира стратегија и систем, за првпат во нашиот град, за третман на исхемичен мозочен удар реканализациона терапија под надзор и менторство од врвни експерти.

   Тимот беше составен од д-р Маја Божиноска-Смическа, специјалист невролог од болницата „Св. Еразмо“, д-р Тони Чифлигароски, специјалист радиолог, и медицинските сестри Светлана Коческа и Ана Крстеска од Општата болница Охрид.

  Од минатата година, се прават обиди Центарот за мозочен удар при Општата болница Охрид да започне со работа во полн капацитет, со цел да обезбеди оптимален и современ третман за пациентите од нашиот регион. Со ваквите активности, Охрид се движи кон модернизација на здравствениот систем и унапредување на грижата за најтешките медицински состојби, потенцираат од Болницата.